САД со предупредување до европските земји: Русија ги избегнува санкциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

САД ги предупредија европските земји за методите со кои Русија ги избегнува санкциите со увоз на чувствителни стоки и технологија што ги користи во војната против Украина, додека група економисти од Харвард оценуваат дека постојните санкции не се доволно ефикасни поради недостигот на координација меѓу САД и Европската унија (ЕУ), јави Радио Слободна Европа пренесувајќи западни медиуми.

Висок американски функционер задолжен за санкции ги предупреди европските земји за напорите на Русија да набави одредени стоки опфатени со санкциите, бидејќи Вашингтон се обидува да ги искорени начините на кои Москва ги избегнува санкциите.

Американскиот потсекретар за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Нелсон се состана со владини претставници, како и со претставници на финансиски институции и компании, за време на минатонеделната посета на Швајцарија, Италија, Австрија и Германија.

Како дел од напорите на Вашингтон да го спречи избегнувањето на санкциите од страна на Русија, помошник-министерката задолжена за финансирање тероризам и финансиски криминал Елизабет Розенберг оваа недела оди во Казахстан и Киргистан.