Лице в лице тукушто завршени студенти со врвни компании од земјава кои во иднина можеби ќе бидат нивниот прв работодавач. Понуди, интервјуа, презентации, предавања, изложба, насмеани лица и адреналин на настанот кој се одржа во Cowork 21 конференцискиот простор на Телевизија 21. Еден вид саем на вработување кој нуди кариерни врски, спојување на бизнисот со младите, нашиот најголем потенцијал на пазарот на труд.
„Традиционален настан за спојување на студенти кои што тукушто завршиле на некои од техничките академии на „ Avenga Academy“ и компаниите кои што се наши партнерски организации, односно партнери кои што на студентите им овозможуваат работа на практични проекти, им овозможуваат пракса и се разбира она што најмногу ги интересира- вработување“, порача Весна Иваноска.
Студентите кои биле дел од академијата со порака- ни требаат повеќе вакви настани за да ги видиме можностите кои ни се нудат на пазарот.
„Студирав на „ Avenga Academy“за веб дизајн и фронт-енд. Мојата успешна приказна е што одев на пракса до скоро. Таму помагав со припреми и со портфолија и исто така сега предавам на мали деца, имам три групи од 6 до 11 години на кои што ќе им предавам еден модул по фотошоп“, вели Дамјан Митревски.
„Овој настан е голем чекор за самите студенти. Сите имаат можност да најдат нови клиенти, да се вработат.“, порача Игор Стојановски.
„Тука дознаваме некои нови фирми кои што претходно не сум ги знаела и што можам.. поточно ќе имаме интервјуа за да си најдеме полесно работа и да бидеме поефикасни во нашата работа“, вели Георгина Миновска.
„Ние може да го најдеме тоа што го бараме и да се споиме со оние компании, токму тие она што го нудат и тие што го бараат. Така што мислам дека е одличен настан и треба да има што почесто вакви настани“, порача Душко Дончев.
Компаниите пак, отворени за соработка со младите. Во нив го гледаат својот иден потенцијал за раст и развој.
„Прокредит банка за нуди можност за новите физички лица и за можност за вработување и за можност за споделување на нови идеи, добри можности во институцијата и дава поддршка целосно на младите лица“, вели Џемил Шефки.
На настанот своите понуди ги презентираа триесетина врвни компании од земјава од ИТ секторот, осигурителниот бизнис, автомобилската индустрија, банки, компании за вработување, маркетинг агенции и други.