Иако министерот Беким Сали беше информиран од сторијата на ТВ21 за тоа дека граѓаните мораат за помали интервенции на нос, уво и грло да се упатуваат во другите градови, тој смета дека нема потреба за ангажирање анестезиолог на одделот за уво, нос и грло во Куманово.
„Јас ја следев вашата вест неколку пати и жал ми е што за таа болница се прави ваков тип известување. Болницата во Куманово има 5 анестезиолози и самата директорка е анестезиолог што значи 6 анестезиолози. Што се однесува до кумановската болница таму има многу мала потреба од опрема за интервенции на уво, нос и грло и мислам дека фокусот на проблемот на бројот на анестезиолози не е вистинската вест“, вели Сали.
Поинаку мисли директорката на болницата во Куманово, Снежана Захариева според која вкупниот број анестезиолози на оваа болница не е доволен за да се покријат сите потреби на граѓаните.
Контактирана од ТВ21 за проценката на министерот, Захариева истакна дека доколку се обезбеди апаратот за анестезиологија на одделот за ОРЛ, проблемот не се решава тука, бидејќи повторно ќе треба да се ангажира анестезиолог од другите болници кој ќе работи на определено време.
Инаку, најмладиот анестезиолог во болницата во Куманово има 57 години а највозрасниот, 64, кој ги исполнува условите за пензија, меѓутоа според директорката на болницата, тие се среќни што тој прифатил да продолжи со работа. Таа додава дека имајќи ја предвид возраста на актуелните анестезиолози, ова е сериозен проблем затоа што тие во блиска иднина ќе заминат во пензија.
Такви интервенции на ОРЛ не се прават ниту во Гостивар, Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Велес и други помали градови, токму поради недостиг од анестезиолози.