Сали: Охридскиот договор треба да донесе доверба – Николоски: Градиме модерна држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со Охридскиот договор Македонија избра да ја гради стабилноста преку партнерство меѓу заедниците, истакна првиот вицепремиер Беким Сали на свечената седница на Владата по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. Како што истакна, со тоа беше воспоставен политички стандард според кој демократијата не се мери само преку слободни избори, туку и преку способноста на институциите да гарантираат вклученост, правична застапеност, дијалог и доверба меѓу граѓаните.

„Ако политичарите од 2001 година го изградија мирот и институционалната еднаквост, нашата генерација треба да изгради долгорочна доверба меѓу заедниците, да изгради поефикасни институции и држава која функционира според највисоките европски стандарди. Тоа е вистинското значење на почитувањето на Охридскиот договор.“, вели Беким Сали.

Се инвестира во инфраструктурата и образованието, каде што се спроведуваат реформи за иднината, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, додавајќи дека Охридскиот договор е нашата главна историја која нè научи да живееме заедно.

„Денес ја градиме земјата како модерна и просперитетна држава, градиме модерна инфраструктура. За неколку дена ќе започнеме со изградба на автопатот Скопје–Блаце, Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани интензивно се градат, во текот на септември ќе започнеме и од Букојчани до Кичево. Очекувам во октомври да започне и уште еден дел од Кичево до Охрид.“, порача Александар Николоски.

Инаку, Охридскиот договор беше потпишан пред 25 години, на 13 август во Скопје, по завршувањето на преговорите што се одржаа во Охрид, со што официјално беше ставен крај на конфликтот од 2001 година.