Сали: Посетата на Ахмети во Приштина била политичка, нема предуслови Косово да ја укине мерката за влез со 3 вакцини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За патување во Косово сè уште ви се потребни три дози вакцина или две дози плус ПЦР тест. Нема предуслови нашиот сосед да ја укине оваа мерка за границите бидејќи тоа не го дозволува епидемиолошката состојба со Ковид 19, изјави министерот за здравство Беким Сали кој вели дека е во постојан контакт со неговиот косовски колега, Рифат Љатифи.

„Сега за сега состојбата во Косово се уште е алармантна и нема предуслови за олеснување на мерките за влез во оваа држава“, рече Сали.

Министерот Сали соопшти дека не бил информиран за посетата на лидерот на ДУИ во Приштина со владиниот кабинет на Косово, а уште помалку поканет. Оваа посета била повеќе политичка отколку експертска, рече тој.

„Не можам да дадам некаква изјава во врска со одлуките на некој лидер на партија. Таа посета повеќе била политичка отколку експертска. Меѓу другото дознав од медиумите дека било дискутирано и за олеснување на мерките преземени од страна на Република Косово, немам некоја информација во врска со тоа“, вели Сали.

Инаку Косово од 24 јануари донесе одлука за влез во земјата со три дози вакцина или две дози плус негативен ПЦР тест не постар од 48 часа. Оваа мерка е на сила до 4 февруари, до тогаш се очекува да се состане владата на Косово и да ја разгледа состојбата со пандемијата по што ќе се знае дали ќе се укине оваа мерка или ќе продолжи уште одреден временски период.