Од утре започнува вакцинацијата на граѓаните кои искажале желба за вакцинација преку веб страницата vakcinacija.mk, информираат од Министерството за здравство за ТВ21.
„Салите каде ќе се одвива процесот на масовна имунизација се подготвени. Вакцинацијата во државата продолжува да се спроведува согласно Националниот план за имунизација, односно според старосната граница на граѓаните, критичната инфраструктура, a веќе од утре ќе се вакцинираат и граѓани кои искажале желба за вакцинација преку веб страницата vakcinacija.mk“, посочуваат од МЗ за ТВ21.
Инаку, вкупно 200.000 вакцини, најдоцна до утре треба да бидат дистрибуирани во спортската сала „Борис Трајковски“, како и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што со истите ќе започне масовната вакцинација на населението.
Здравствени власти претходно најавија вакцинирање на бројка од меѓу 10 и 15 илјади граѓани на ден.
По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм“, министерот за здравство Венко Филипче, во петокот најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, а засега неизвесно е пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.
