Само со потврда од специјалист, хронично болните ќе можат да останат дома. Ова е заклучокот од утринската средба на министерот за здравство Венко Филипче со претставниците на здруженијата на пациенти. Со ваквата одлука хронично болните имаат рок до 23 септември да добијат потврда дека поради нивната дијагноза нема да можат да се вратат на работа, со што дополнително би се избегнала злоупотреба на системот.
„Иницијално идеата беше да се спреми системот, да се направат промени во правилникот, да им се дозволи на пациентите да може да направат преглед согласно оваа нова стратегија, за тој што треба навистина да седи дома, заради комплексноста на одредена хронична болест, или заради тоа што во даден момент има влошување на сотојбата. Меѓутоа тоа да го утврди лекар специјалист, а не согласно претходно поставена дијагноза за хронична болест. Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјлист и на тој начин да биде ослободен од работа“, истакна Венко Филипче.
На состанокот шестте здруженија изнесоа своите предлози за доследно спроведување на одлуката на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
„Кога се носат вакви одлуки сметаме дека е многу важно да бидат повикани и здруженијата на пациенти затоа што ние сме сепак тие кои се натерен кои ја гледаме состојбата во директна комуникација сме цело време со пациентите и семејствата и добро знаеме што се случува и какви одлуки би можеле да бидат добри или лоши соодветно состојбата и ситуацијата во која се наожаме“, посочи Весна Алексовска.
За да се реализира оваа одлука ќе бидат пуштени дополнителни термини на „Мој термин“ и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање. Потврда за боледување ќе можат да добијат и родителите на децата со високо ризични заболувања.
