Само во Македонија: Седум километри автопат се градат две години, раскинат договорот со Бетон

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

-Автопатот Катланово-Петровец, односно патот кој го гледате требаше да биде завршен до јули 2021 година. Градежните активности уште не се завршени, а на терен нема ниту машинерија да работи. Според информациите на ТВ21, на компанијата која требала да го гради патот ѝ е прекинат договорот-вели репортерката на ТВ21.

Средствата за овој автопат се обезбедени од Европската банка за обнова и развој , а директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми за ТВ21 потврди дека договорот со компанијата „Бетон“ е раскинат.

-Поради слабите резултати од реализацијата на работите во овој дел, односно за една година се реализирани вкупно 12% од проектот и согласно консултациите на супервизорот и консултациите на консултантот ангажиран од Европската банка за обнова и развој, донесовме одлука за раскинување на ваков договор-изјави Рустеми.

Рустеми вели дека неколкупати имале средба со претставници на компанијата „Бетон“ од која било побарало да се ангажира повеќе. Додава дека причината за раскинувањето на договорот била неажурноста и лошото менаџирање од страна на компанијата.

-Согласно договорот патот требаше да биде готов до јули 2021 година. Кога ние во јули 2021-ва ги направивме сите пресметки околу тоа колку е реализиран проектот, со оглед на тоа дека многупати ѝ најавувавме на компанијата да почне да работи повеќе на тој патен правец, кога констатиравме дека имаме исклучително ниска реализација на градежните активности, го раскинавме склучениот договор-рече Рустеми.

Договорот е раскинат во септември 2021 година, а во моментов се прават пресметки – колкава штета е причинета од неисполнувањето на договорот за една година. На почетокот на март ќе биде распишан нов тендер за избор на друга компанија која за една година ќе треба да ја заврши оваа делница.

Од „Бетон“ не добивме став во однос на раскинувањето на договорот. Иако реконструкцијата на овој дел од автопатот Катланово-Скопје трае веќе две години, сепак доколку патувате мора да платите патарина.