Самохран татко сам се грижи за 3 мали деца, од државата добива само 5.200 денари, одбиен е за социјален стан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во оваа мала соба живее самохраниот татко, Фатих Куртиш со три малолетни деца. Секое утро се буди со страв дека кровот ќе им падне врз глава. Во собата каде што спијат ѕидовите се распукани, а прозорците искршени. Од државата добива само 5.200 денари. Вели тоа е срамота бидејќи и 3 деца одат на училиште.

„Јас сум татко кој сам се грижи за децата. Институциите се информирани за мојот случај, Центарот за социјални работи и судот, но не се преземени никакви мерки.“, вели Куртиши.

Фатих не бара милостина од хуманите луѓе, туку решение од надлежните институции. Односно бара да има кров над главата – односно социјален стан. Испратил барање до Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, но неколку пати е одбиен.

„Доаѓаше екипа од Центарот за социјална работа за децата. Ми рекоа дека не треба да седам тука со нив. Им реков да ми најдат решение, бидејќи и ова не е мое, утре можат да ме извадат надвор. Јас барам решение преку законите. Само кратко ми одговорија да чекам за стан во Бутел, кога ќе се изгради тогаш да аплицирам. Но, мојата состојба не е за чекање“, рече Куртиши.

Фатих вели дека нема да им го уништо сонот на децата и затоа секогаш им зборува со позитивност. Сам им подготвува храна, но многу му помагаат и луѓето кои живеат во куќите околу него.

„Се трудам да го дадам максимумот за децата. Имам и семејство и луѓе кои ги познавам и знаат што можам да правам за децата. Но, нормално, се случило некогаш да не можам да им ги исполнам желбите.“, вели тој.

Испративме прашање до Министерството за труд и социјална политика за случајот на семејството Куртиши, но досега не добивме одговор.