Саудиска Арабија е единствен преостанат кандидат за организација на Азиското фудбалско првенство во 2027 година, откако Индија ја повлече својата кандидатура, објави Азиската фудбалска федерација (АФЦ).
Извршниот одбор на АФЦ во септември го стесни потесниот круг со кандидатурите на Саудиска Арабија и Индија, откако претходно се повлече Катар и понуди да биде домаќин на Азискиот куп 2023 по откажувањето на Кина.
Кандидатурата на Саудиска Арабија ќе биде единствената која ќе биде претставена на Конгресот на АФЦ во февруари идната година, кога на средбата во Бахреин ќе се одлучува за домаќинот.
Индиската фудбалска федерација како причина за повлекувањето на кандидатурата ја наведе потребата да се фокусира на „изградба на темелот на правилна фудбалска структура“.
Саудиска Арабија три пати ја освојуваше континенталната титула, но досега ниту еднаш не беше домаќин на Азискиот куп.
