Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека принципиелно ја поддржува одлуката на надлежната обвинителка да ја запре истрагата за случајот „Мазут“, оценувајќи дека е подобро постапката да се затвори поради недостиг на докази отколку да се поднесе обвинение кое подоцна би паднало на суд.
На денешниот брифинг со новинарите, Савески посочи дека одлуката за запирање на истрагата не е конечна и дека постои можност предметот повторно да биде активиран доколку се појават нови околности или докази. Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство Скопје треба да се произнесе по приговорот што го поднесе ЕСМ, по што ќе биде познато дали истрагата ќе биде реотворена или предметот ќе остане затворен.
Осврнувајќи се на реакциите во јавноста и кај политичарите по одлуката за запирање на истрагата, Савески рече дека бил изненаден од критиките.
„Подобро е истрагата да се запре отколку да се поднесе обвинение што подоцна би завршило со ослободителни пресуди“, изјави тој.
Случајот „Мазут“ се однесува на набавки на мазут за потребите на ЕСМ, а под истрага беа опфатени 13 лица, меѓу кои бизнисмени и поранешни функционери. По повеќе од една година истражна постапка, обвинителката Катерина Коларевиќ ја запре истрагата со образложение дека собраните докази не биле доволни за поднесување обвинение што би можело да се одржи пред суд.
На брифингот Савески зборуваше и за телефонскиот разговор со премиерот Христијан Мицкоски по објавувањето на одлуката. Тој нагласи дека разговорот бил краток и дека не биле дискутирани детали од предметот, туку само законските можности што стојат на располагање по донесената одлука.
