Владејачката партија СДСМ бара оставка од лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски. Со пресудата за „Плацовите на Водно“ се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија, велат од СДСМ. Обвинуваат за перење пари, незаконско збогатување, криење имот, како и за проневера на пари од страна на членови на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ со контра-одговор. Вистина е дека ќе има оставки и одговорност, но за раководството на СДСМ и Владата, и тоа веднаш по изборите.
„По таквите оставки ќе следува одговорност. Одговорност како исчезнува масло од фабриките за канабис, кој е сопственичкиот удел на семејството Заеви во фабриките за марихуана низ Македонија. Одговори и одговорност ќе има и за кого крадеше Мухамед Зекири. Каде отидоа парите од рекетот, а според Јовановски тие отидоа директно кај Вице и Зоран“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според екс-премиерот Никола Груевски, Македонија живее во време на политички мотивирани судења против политичките неистомисленици на власта, што е уште полошо од периодот на 1949 година.
„Пресудите и висината на казните се одредени уште пред да почне судењето. Сѐ другото е „театар” за јавност, односно време на пропаганда кога и јавноста треба да се убеди, што завршува со долг политички говор и некаква психолошка анализа на судијата, бидејќи за правна нема реални аргументи. Аудио снимки се прифаќаат како доказ кога им одговара на обвинителството и судот, односно на власта за да осудат некој што им е таргет“, вели Никола Груевски.
Реакцијата на Груевски уследи по изречената пресуда за случајот „Плацови на Водно“ во кој доби затворска казна од 7 години, а Судот му ги заплени плацовите на Водно, како и становите, освен оној кој е на името на мајка му.
