СДСМ: Економската состојба се влошува, граѓаните живеат потешко

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, на денешната прес-конференција изјави дека премиерот Христијан Мицкоски не ги исполнил ветувањата дадени пред граѓаните, ниту на политички, ниту на економски план.

„Граѓаните добро знаат дека Мицкоски ветуваше враќање на името, промена на преговарачката рамка и укинување на Преспанскиот договор. Ги излажа граѓаните“, рече Цветановски.

Таа додаде дека Мицкоски ветувал подобар животен стандард, повисоки плати и подобра економија, но според СДСМ, реалноста денес е поинаква.

„После две години влада на Мицкоски граѓаните живеат полошо, едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа и секојдневна борба да се преживее од први до први“, изјави Цветановски.

Од СДСМ посочија дека сиромаштијата достигнала 21,9 проценти, синдикалната кошничка пораснала на речиси 69.000 денари, додека минималната плата изнесува околу 26.000 денари.

Според Цветановски, иако во експозето за избор на Владата Мицкоски ветил дека економијата ќе биде во фокусот, денес, како што рече, состојбата е сериозна, а буџетот се соочува со недостаток на средства.

Таа истакна дека е забележан пад на странските инвестиции за 61 процент, што според СДСМ претставува намалување од 729 милиони евра во 2025 година. Дополнително, како што наведе, бројот на вработени во индустријата е намален за 2,8 проценти во споредба со претходната година.

„Ништо од тоа што ветуваше Мицкоски не исполни. Единствено што континуирано расте е јавниот долг“, рече Цветановски.

Од СДСМ обвинија дека за две години бил создаден нов долг од 2,5 милијарди евра, со што вкупниот долг достигнал 11 милијарди евра.

„Нема пари за повисоки плати, пензии, минимална плата од 600 евра, поддршка за земјоделците и мерки за заштита на животниот стандард“, порача Цветановски, додавајќи дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат економските проблеми преку високите трошоци и намалената куповна моќ.