Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека, според неговите оценки, државата изгубила значителен дел од европските средства поради, како што рече, недоволна реализација на реформската агенда и забавена работа на институциите.
Тој посочи дека доколку биле исполнети предвидените реформски обврски во утврдените рокови, државата можела да добие околу 200 милиони евра, наместо помал износ.
„Доколку Владата добро работеше, изминатите две години на реформската агенда и доколку се сработени и се донесоа во Собранието реформските закони, за кои што имаше патоказ, тоа што треба да се направи и како треба да се направи, немаше да добиеме само 65 милиони евра, ќе добиевме околу 200 милиони евра“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче додаде дека дел од задолжувањата можеле да бидат избегнати со поуспешна реализација на реформите, при што отвори прашања околу ефикасноста на економските политики и начинот на користење на европските фондови.
Тој исто така се осврна на тврдењата на Владата за постигнувањата во регионот, оценувајќи дека потребно е појаснување на реалните резултати и степенот на реализирани обврски.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека информациите на СДСМ се неточни и дека Македонија добила најголем износ на европски средства во регионот во рамки на последната распределба од Европската унија.
„Македонија е најнапредна во Реформската агенда, со највеќе средства доделени од ЕУ во висина од 65,7 милиони евра, пред фронтранерите Албанија со 49 милиони евра и Црна Гора со 44,2 милиони евра. Ова е за Јануарскиот извештај, за којшто претседателот Мицкоски истакна дека ќе бидеме први, и тоа така испадна“, истакна на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој додаде дека средствата се насочени кон образованието, дигитализацијата и подобрување на условите во училиштата, како и кон капитални и развојни проекти, оценувајќи дека Македонија ќе биде лидер во исполнувањето на Реформската агенда, а со тоа ќе бидат искористени и средствата кои се предвидени согласно планот за раст.
