„Навреда за сите млади, врв на лицемерие и цинизам е повикот на Христијан Мицкоски младите да не се иселуваат“, велат од СДСМ, обвинувајќи ја власта за се поголемото иселување на младите од земјава.
„Младите поради него и криминалната организација ВМРО сакаат да се иселат, поради криминалот, корупцијата, сиромаштијата, немањето систем, партизацијата. Мицкоски им ја краде иднина на младите.
Со намерното блокирање на европскиот пат најголема штета трпат младите македонски генерации.
Наместо европски вредности и интеграција, истиот тој Мицкоски отворено ни порача дека бил подготвен да чека децении за влез во Европската Унија. Децении да стоиме во место, во изолација, да не држи како заложници.
Ни продаваат лажен патриотизам, додека државата ја водат луѓе со бугарски пасоши“, рече Трајче Стојчевски, претседател на СДММ.
Вратија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде рекоа дека токму поради СДСМ, многу млади ја напуштиле Македонија.
„Крајно неодговорно е партија која до пред две години беше дел од централната власт, денес да се обидува политички да профитира преку демотивирање на сопствената држава и сопствениот народ. Токму СДС и ДУИ се тие што седум години создаваа систем на партизација, корупција, понижувања и уништена доверба во институциите, поради што голем број млади ја изгубија вербата во иднина и беа принудени да ја напуштат државата.
Со своите политики ги избркаа младите од Македонија, а денес наместо самокритика, се обидуваат дополнително да го засилат тоа чувство преку реторика на очај, страв и безнадежност. Наместо да понудат визија, тие градат политички наратив дека во Македонија нема иднина.
Штетата што ја оставија зад себе е огромна и не може да се санира преку ноќ. Но, за разлика од нив, денес постои Влада која смета дека нејзина обврска е да врати надеж, оптимизам и чувство дека Македонија повторно да создава можности — особено за младите луѓе“, вели Тодор Конески од ВМРО-ДПМНЕ.
