СДСМ: Направено е се, Беса бара предвремени – Реџепи: Не сметаме дека треба да ја преиспитаме одлуката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе ја преиспита ли Алтернатива одлуката за влез во Владата сега откако повторно не добивме датум за почеток на преговорите со Европската унија, бидејќи нивната одлука за приклучување во власта беше старт на евроинтеграцискиот процес. Скендер Реџепи вели дека тие знаеле дека во декември нема да добиеме датум и дека е нелогично да се очекува да излезат од Владата. Времето за договор со Бугарија беше многу кратко и затоа временскиот таргет за позитивен сигнал од Брисел е во јануари, вели Скендер Реџепи пратеник на Алтернатива.

„Ние знаевме дека декември нема да биде, само оние кои сакаа пи-ар маркетинг да добијат со дневна политичка изјава велеа дека декември  ќе биде. Ние сосема совесно знаевме дека нема да биде, меѓутоа очекуваме конкретен одговор во јануари. Зависно од одговорот каков ќе биде во јануари ние ќе постапиме понатаму како партија“, истакна Скендер Реџепи.

Парламентарното мнозинство заедно со Алтернатива е заокружено и тоа е создадено за стабилност, напредок на државата и заеднички принципи за европскиот пат, велат од СДСМ. Барањата на дел од опозицијата за предвремени избори поради тоа што власта не успеа да ги почне преговорите е неприфатлива.

„Како држава ние направивме се за исполнување на условите за почнување на преговори со Европската унија. Очекувањата, секако Бугарија да ја подигне рампата и да ја тргне блокадата во духот на европските вредности навистина е оправдана. Ставот на СДСМ во однос на предвремени парламентарни избори е навистина јасен, ние сметаме дека не е време за парламентарни избори“, вели Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да го коментираат тоа што и на вчерашниот Совет на Европската унија не добивме старт на преговорите, но велат дека поради тоа Алтернатива треба да излезе од Владата.

„Во однос на прашањето за датумот ќе се произнесеме и ќе соопштиме следниве денови, да помине Министерскиот совет. Во однос на учеството на Алтернатива во оваа Влада доколку не добиеме датум очекуваме Алтернатива да излезе од Владата бидејќи главната причина која што ја наведоа повеќе не постои за нивното учество во оваа власт“, додава Наум Стоилковски.

Од Беса, која до неодамна беше дел од Владата, велат дека оваа власт својот неуспех го прикриваше со наводно добивање датум за преговори и затоа бараат предвремени избори.

„Недобивањето датум од страна на ЕУ уште еднаш докажува дека оваа власт е делегитимирана и дека политичкото дејствување на движењето Беса да не седи во власт со партии и експоненти кои криминалот и корупцијата сакаат да ги покријат со евроинтеграциите. Што побрзо земјата треба да оди на предвремени избори и легитимитетот да го врати кај народот“, вели Харук Авдиу.

Од Алијанса за Албанците со став дека сите претходни најави за старт на преговори биле измами на власта.

„Република Македонија ниту оваа година нема да обезбеди датум за отворање на преговорите и покрај лагите и бајатите измами и манипулирања со датуми од страна на личности од режимот и од страна на личности што им се приклучуваат во име на европските интеграции“, посочи Халил Снопче.

Вчера Македонија на Советот на Европската унија повторно не доби старт за преговорите, а се очекува утре на Европскиот совет на лидерите оваа одлука да биде потврдена.