СДСМ: По сите најави и ветувања, водата во Гостивар не е безбедна за пиење – ВМРО-ДПМНЕ: Филипче, поради кој со години сме пиеле небезбедна вода, нема право да морализира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусебни обвинувања за загадената вода во Гостивар и за други случаи со загадување на водите низ земјава.

Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски на прес конференција истакна дека по сите најави, ветувања и „анализи што покажуваат подобрување“, граѓаните сè уште не смеат да ја пијат водата од чешма. „Веќе пет недели. Температурите се многу високи, граѓаните немаат вода. Локалниот кризен штаб ја продолжува забраната. Се дели вода на пет точки. Селата и делови од градот сè уште се на техничка вода“, рече тој и додаде дека граѓаните, според него, јасно разбираат дека зборот на премиерот и владејачката партија ништо не вреди.

„Ова не е изолиран случај. Во повеќе од 50 населени места низ државата водата не е чиста. Реката Лепенец и Вардар беа бели од хемиско загадување.Сега истите сцени ги гледаме и на реките Тополка и Бабуна. Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Велес, реките Тополка и Бабуна се микробиолошки загадени и не се препорачуваат за капење. Бидејќи езерото Младост е под забрана веќе две години, единствена безбедна опција за граѓаните останува градскиот базен. На почетокот на кризата во Гостивар криеја. Лажеа. Го минимизираа проблемот. Исто како што кријат и сега за другите загадувања. Сè е по истиот принцип. Прво се крие. Потоа се најавува. На крај граѓаните остануваат без безбедна вода, а тие продолжуваат со прес-конференции. Кога една власт постојано лаже за основните работи – вода, воздух, здравје, тогаш повеќе никој не верува ниту на една нивна изјава. Гостивар е само најновиот доказ.“, изјави Стојчевски.

На ова реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку прес-конференција на Мартин Андоновски, претседател на партискиот огранок во Гостивар. „…Филипче, поради кој со години сме пиеле небезбедна вода, а тоа не ни било кажано нам, граѓаните на Гостивар, нема право да морализира за случајот. Со години Филипче и власта предводена од СДС добивала извештаи од државните институции за тоа дека водата во Гостивар не е за пиење, а тие тоа го криеле и не преземале ниту една мерка за справување со проблемот“, рече тој, додавајќи дека овој проблем во Гостивар не е од денес, туку е од децениската негрижа на локалните власти.

„Филипче и СДС требаше сега кога имаат градоначалник кој отворено го поддржаа во Гостивар, како и кадри кои предводат локални институции, да го решат проблемот со водата, а не да политизираат. Филипче, ДУИ и партијата на Таравари требаше веднаш да ја земат работата во свои раце, но затоа што се неспособни, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рекорден рок обезбеди техничка вода за користење, а секојдневно добиваме и флаширана вода за пиење. ЈО треба да го истражи молкот на Филипче и власта на СДС која дозволувала Гостиварци да се трујат со години, а да не знаат од што им се потоа болестите“, истакна претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар.