Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. Со тоа започнува и официјалната трка за составување мнозинство за формирање влада. На десетина дена до конститутивната седница на новиот парламентарен состав, партиите официјално се на одмор, а неофицијално го подготвуваат теренот за владина коалиција.
Од СДСМ велат дека по илинденските празници почнува процесот на преговори за можна коалициска соработка. Додават дека сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да да се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница.
„Има време за се. Владата ќе биде составена во законските рокови. Треба Устав и закон да се почитуваат. Ќе имаме европска Влада чии темели на работа во следните 4 години се правдата и економијата“, посочи Љупчо Николовски.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека веќе почнале преговори, но не откриваат со кого. Сепак и тие, како и СДСМ се надеваат дека ќе го формираат новиот владин состав.
„Eдна од варијантите е ВМРО-ДПМНЕ да формира владa. Барем во овој период оние неформални средби и контакти се одвиваат. Но, како сето тоа ќе заврши, сите ќе бидеме благовремено информирани“, вели Игор Јанушев.
Од ДУИ пак велат дека ќе коалицира со која било партија што ќе ги почитува Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија. Од таму потенцираат дека е многу важно да има јавно преземање на обврска за имплементација на овие договори. Воедно, како услов за преговорите со новиот коалиционен партнер ќе биде и нивниот кандидат за премиер, одосно прв премиер Албанец.
