Се бројат деновите до техничка Влада – на 16 јануари најверојатно седница за оставка на Ковачевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ треба да ги утврди кандидатите за техничката Влада но се уште не се знае кога и официјално ќе бидат соопштени.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека во четврток ќе има седници на Извршниот и Централниот комитет на која треба да се утврдат имињата на кадрите во Пржинската Влада. ВМРО-ДПДМНЕ треба да делегира двајца министри и тројца заменици.

Веќе се шпекулира дека дел од кандидатите што ќе ги предложат ќе бидат истите имиња од претходната техничка Влада односно за внатрешни работи Наќе Чулев, додека дополнителен заменик во Министерството за земјоделство повторно ќе биде Цветан Трипуновски. Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот кој вчера беше кажан од Мицкоски, но со критики околу најавената средба меѓу него и премиерот Ковачевски.

Се уште нема никаква покана, нема никаков контакт. Очигледно е дека ДУИ и СДС поприоритетно им е да вработат над 200 луѓе во јавните институции, поприоритетно им е да влегуваат неказнети во институциите поприоритетно им е да ја доопљачкаат државата, наместо да се организираат избори, да има лидерска и да има една нормалност во државава“, вели Наум Стоилковски.

На чело на техничката Влада ќе биде Талат Џафери, а координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски ќе го заземе местото на Џафери. Од СДСМ веќе ги објавија нивните кадри, кои голем дел остануваат исти, единствено Митко Бојмацалиев ќе биде предложен за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а во труд и социјала номинирана е актуелната министерка Јована Тренчевска. Претходно премиерот Ковачевски треба да си даде оставка, која најверојатно ќе се случи на седницата на Собранието закажана за 16 јануари. За средбата со Мицкоски деновиве Ковачевски рече дека таа ќе се случи по празниците.

Па јас не гледам дека има потреба да имаме тајни средби, така што, кога ќе имаме средба таа ќе биде средба која што ќе се случи во јавен простор, дали во Клуб на пратеници, дали во Собрание, дали на улица „Македонија“ сеедно во некој кафиќ. Па ќе видиме кога ќе договориме, ние имаме комуникација на партиско ниво. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ  е во редовна комуникација со заменичката претседателка на СДСМ“, порача Димитар Ковачевски.

Во однос на изборите останува отворено прашањето пополнувањето на празното место во  Државната изборна комисија. Албанската опозиција најави дека доколку не биде избран од нивните редови ќе го напуштат Собранието а најави и можност за протести, доколку членот не биде избран од нивните редови.