Се чекаат кинеските вакцини – во тек е потпишувањето на договор за руски „Спутник В“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Бујар Османи доставиле барање до кинеската Амбасада за забрзување на постапката за носење на вакцината „Синофарм“ во земјава. Заев очекува во текот на оваа недела да пристигнат 200.000 нарачаните дози од Кина.

Во меѓувреме, во тек е и потпишувањето на спогодба за вакцините „Спутник В“ од Русија.

Во моментов се вакцинираат само здравствените работници со дозите што ги донираше соседната Србија. Досега вакцината ја примиле 1040 лица од медицинскиот персонал, а само двајца имале благо покачување на температура, информираат од Агенцијата за лекови.

„Досега се вакцинирани 1.040 здравствени работници. Само две лица се пожалиле на нус-појави, односно мало покачување на телесна температура“, истакна Лирим Шабани.

И додека се чека на вакцините од разни земји, 63 илјади граѓани се пријавиле на онлајн апликацијата за вакцинација против Ковид-19. Но, сѐ уште не се знае кога ќе стартува имунизацијата на населението.