Се е подготвено за денот на изборите! – Дистрибуирани биометриските терминали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во овие црни куфери се наоѓаат терминалите за биометриско гласање.
Ова е првпат ваков избирачки материјал да се дистрибуира низ гласачките места.

Според бројот на гласачките места ќе бидат испорачани околу 4.000 вакви уреди. Секој апарат има свој бар-код за во кој град треба да биде доставен.

Апаратите ќе служат за идентификација на гласачите преку отпечатоци на прсти. Но, на овие избори има и други новини:

„За првпат на овие избори граѓаните ќе можат да гласаат со истечена лична карта или патна исправа. Друга новина на овие избори е тоа што ако некој граѓанин не може да се пронајде во Избирачкиот список, дополнително може да биде запишан од страна на членовите на изборната комисија“, истакна репортерката на ТВ21.

Истечени лични карти ќе можат да се користат само доколку рокот е истечен од денот кога се распишани изборите па сѐ до денот на одржување на изборниот процес.
Заедно со биометриските уреди, се дистрибуираа и гласачките кутии. За да стигнат безбедно до предвиденото место се погрижи Специјалната единица за брзи интервенции.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека се подготвени изборниот ден да помине мирно и безбедно.

МВР и в недела ќе издава лични карти, со цел граѓаните да можат да го искористат своето граѓанско право.

Ова е првпат во Македонија да се спроведува биометриско гласање. Уредот ги чита отпечатоците на прстите и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците во електронскиот Избирачки список за сите гласачи запишани на тоа гласачко место.