Се е подготвено за локалните избори! Полицијата ќе користи дронови за безбедноста на избирачките места

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека политичките партии и независните кандидати ги користат последните часови од кампањата за презентација на своите проекти, ДИК ги испорача изборните материјали до сите 80 општински изборни комисии и до Градот Скопје.

Вкупно се отпечатени 4.613.438 гласачки ливчиња за избор на градоначалници и советници. Најдолгото ливче е долго половина метар, а сите се изработени со високи безбедносни стандарди и заштитни елементи, со цел да се обезбеди тајноста на гласот.

Избирачкиот список опфаќа 1.832.415 гласачи, кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места. Од нив, шест нема да бидат отворени бидејќи во тие општини нема жители со право на глас.

„Сигурниот изборен материјал се состои од сите печатени уверенија од избирачките списоци, оригинални примероци од записниците за секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија, како и сите гласачки ливчиња. Имаме точно 254.262 листови од избирачките списоци и специјални уверенија, 8.692 оригинални записници како сигурен изборен материјал за потврдување на резултатите, и уште 8.330 дополнителни примероци.“, вели Борис Кондарко од ДИК.

Покрај гласачките ливчиња, општинските изборни комисии добиваат и друг потребен материјал – паравани, уреди за читање на биометриски податоци и слично. Процесот се следи од набљудувачи од политичките партии, граѓански организации и меѓународни институции, со цел да се гарантира транспарентност и регуларност на изборите. Дистрибуцијата ја спроведоа 17 тимови на ДИК, а транспортот на доверливиот материјал се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на полицијата.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се целосно подготвени изборниот процес да се одвива во безбедна средина и дека првпат ќе се користат полициски дронови за воздушно надгледување на избирачките места.

„Според направените проценки и утврдените планови, на денот на изборите, полициските службеници ќе бидат присутни на избирачките места, како и на клучни сообраќајни точки, со цел зголемување на ефикасноста и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Безбедноста на граѓаните ќе се гарантира со стандардни материјално-технички средства, мобилни тимови, и ќе се користи модерна технологија – дронови за воздушна контрола, со цел побрза реакција и преземање соодветни мерки во случај на инциденти“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и политички партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полицијата и да се воздржат од какви било активности што би можеле да го нарушат изборниот процес.