Со инвестиција од 2,7 милиони евра е модернизиран аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Патничкиот терминал е реконструиран и сега располага со повеќе шалтери, проширен простор за чекирање, проширени зони за безбедносна контрола и контрола на рачниот багаж, како и реорганизиран паркинг. Исто така, инсталирани се современа опрема и технологија, со цел услугата за патниците да биде побезбедна и поефикасна. Премиерот Христијан Мицкоски, за време на церемонијата на пуштање во употреба на модернизираниот дел од аеродромот, оцени дека реализираните инвестиции значително го подобриле квалитетот на услугите на аеродромот.
„Оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром ‘Свети Апостол Павле’. Имавме ден кога, практично, имаме добиено најголем број патници досега во историјата – повеќе од 3.000 на еден ден. А, исто така, има и ден кога имаме и повеќе од 20 полетувања, што исто така претставува само по себе значајна бројка, бројка којашто е за почит.“, вели Христијан Мицкоски.
Заменик-премиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека по интензивната работа, практично се отвора еден нов аеродром. Според него, терминалната зграда, заедно со помошните простории, на патниците ќе им понуди значително подобро искуство во споредба со претходното.
„Охридскиот аеродром, само од јануари до јуни оваа година, има над 240.000 патници, нешто што мислам дека никој не го очекуваше, а двата аеродроми заедно оваа година ќе се блиску до 4 милиони, нешто што беше незамисливо за нашите аеродроми. И, ќе продолжиме да растеме.“, вели Александар Николоски.
Серкан Каптан, извршен директор на ТАВ Македонија, истакна дека се инвестирани 2,7 милиони евра во подобрување на инфраструктурата и во зголемување на квалитетот. Проектот е реализиран без да се прекине редовното функционирање на аеродромот.
Каптан информираше дека досега во аеродромите во Македонија се инвестирани вкупно околу 300 милиони евра.
