Овие бетонски барикади веќе нема да бидат долж улицата Цветан Димов, позната како Чаирчанка. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска рече дека е изнајдено подобро решение за сообраќајниот хаос во овој дел на Скопје.
Решението што е прифатено се однесува на проширување на улицата, изјави за ТВ21 градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој најави дека за две недели ќе почне отстранувањето на околните објекти.
„Прифатена е дамнешната желба на граѓаните, улицата Цветан Димов да се пошири. За две недели ќе им биде доставено писмо на околните објекти дека треба да се изврши експропријација која ќе овозможи полесно функционирање, бидејќи е главна артерија која го поврзува Чаир со Центар. Помина идејниот проект и има подготвеност од страна на Град Скопје“, вели Ганиу.
Потсетуваме дека бетонските барикади беа поставени пред околу 2 години од екс градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов со цел регулирање на сообраќајниот хаос кој и натаму владее овде во текот на целиот ден.


