Бидејќи биле вмешани во поткуп за поткопување на судските постапки поврзани со случаите на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, американскиот Стејт департмент одлучи да ги прогласи за персона нон грата и да ги стави на црна листа – првиот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети.
Со ова, на американската црна листа се додадени и блиски членови на семејството на Груби, соопшти Стејт департментот.
Поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби во објава на својот Фејсбук додаде дека својот јавен живот го посветил на заштитата на западните демократски вредности и дека секогаш посветено работел за членството на земјата во НАТО и ЕУ, затоа, како што додава, оваа одлука го засега директно и лично.
-Ќе се обврзам со сета своја посветеност, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја моја акција, напиша на својот фејсбук-профил поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Артан Груби е третиот функционер на ДУИ кој е ставен на американската црна листа. Пред него за „нон грата“ беа прогласени Џеват Адеми и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Груби беше прогласен за ПЕРСОНА НОН ГРАТА за мешање во судски спор поврзан со личност која исто така е на црната листа на САД, Сашо Мијалков, кој беше на црната листа во 2022 година за значителна корупција.
Има многу луѓе од Македонија кои се нон грата за САД: поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, шефот на ДПА, Мендух Тачи, поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, сопружниците Самсоненко и мајката и синот – Ратка и Орце Камчев.