Се отстрануваат терасите на кеј „13 ноември“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сопствениците на угостителските објекти на кеј „13 Ноември“ во центарот на Скопје денеска започнаа сами да ги уриваат терасите поради најавеното реновирање на шеталиштето од страна на Град Скопје.

Ќе се отстрануваат објектите кои се на средина, но и оние пред самите локали.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов неодамна на прес конференција информираше дека овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДД, а средствата се обезбедени од Буџетот на Град Скопје.

„Тука предвидуваме целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември““, посочи Шилегов.

Градоначалникот порача дека со ова реновирање ќе им се ослободи повеќе место на велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.

„Оваа сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат“ рече Шилегов.