Се подготвува нов закон за депозити – „Целта е да се прошири мрежата за осигурување на депозити“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако досега се осигуруваа само депозитите на физичките лица, со новиот закон што се подготвува ќе се осигурат и депозитите на правните лица. Ова е една од измените предвидени во новиот предлог закон за Фондот за осигурување на депозити. За да има поширока дискусија за изработката на овој предлог закон, директорот на Фондот, Амир Шабани, свика средба со претставници на банките и штедилниците.

„Ако до сега сите банки плаќаа од 0,25% за Фондот за депозитите на граѓаните, сега се предвидува да се направи формула, секако оваа формула ќе се направи и во консултација со претставници на Светска банка со цел секоја банка да плаќа поинаку, секоја повисоко рангирана банка ќе плаќа помалку. Тоа значи дека се предвидува проширување на мрежата за осигурување на депозити, како и други промени“, вели Амир Шабани.

Важна тема на разговор на оваа средба ќе биде моралниот ризик со кој се соочува феноменот на осигурување на депозитите, рече претседателката на Здружението на македонските банки, Маја Стевкова Штериева. Практично да се воспостави закон заснован на основните постулати за осигурување на депозитите, додаде таа.

Инаку, оваа средба што ја свика директорот на Фондот е прва од ваков вид од формирањето на Фондот за осигурување на депозити.