Се подобрува состојбата со Ковид-19 во делчевската детска градинка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако пред една недела беа изолирани три возрасни групи на дечиња кои посетуваат градинка, во градинката „Весели Цветови“, како што информираше директорката Билјана Симовска нема нови заразени со Ковид-19.

– Детската градинка „Весели Цветови“ во последните неколку денови нема нови заразени од Ковид-19, така што слободно можеме да кажеме дека конечно ситуацијата се стабилизира. Сите првично позитивни од градинката во делот на вработените се вратени на работа, остануваат само во изолација три воспитни групи и тоа поради двете позитивни воспитувачки и една позитивна негувателка и едно дете, рече Симовска.

Директорката упати апел до родителите во случај на појава на било какви симптоми и кај нив и кај децата, согласно потпишаната изјава да ги почитуваат протоколите, при евентуални такви случаи.

– Ако некој родител или дечињата имаат симптоми, најдобро за сите е тоа да не посетува градинка. Знаеме дека сите кажуваат дека децата се најголеми преносители, а тие многу полесно го поминуваат тоа. Затоа ние сакаме сите на некој начин да бидат заштитени, вработените во објектот, а истотака согласно потпишаната изјава да бидат заштитени и родителите, додаде Симовска.

Од почетокот со работа на градинката досега присуство на вирусот беше регистриран кај едно дете кое посетувало градинка и осуммина вработени, од кои двајца вработени во кујна, четири негуватели и две воспитувачи.