Се разгледуваат опциите за ХЕЦ Чебрен и Галиште, Божиновска сака да е државен проект, но пари тешко ќе се најдат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големиот енергетски проект, изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште можеби ќе биде државен, а не приватен проект. Ова можност ја остави отворена министерката за енергетика Сања Божиновска, која рече дека се разгледуваат сите опции кој да биде главниот финансиер на проектот.

„Најубаво е ние како држава да го поседуваме, но меѓутоа се работи за проект кој ќе биде минимум милијарда евра што не е мала ставка, знаејќи каков ни беше буџетот, ќе ги доформализираме сите овие проценки и мислам дека во најкус временски период ќе знаеме точно кој метод ќе го примениме понатаму. Меѓутоа сакаме да биде македонски државен проект, секако.“, изјави Божиновска.

Ако се одлучи да биде државен проект, ова ќе значи промена на владиниот став да биде изграден и управуван од приватни компании, со учество на државното ЕСМ. Инаку, овие два енергетски капацитети на Црна Река беа понудени како можност за инвестирање при неодамнешната посетата на македонската влада на Обединетите Арапоски Емирати. И тогаш беше посочено дека кој и да биде инвеститор, овој пат на тендерот нема да биде вклучено и управувањето со постоечкото Тиквешко Езеро кое е во составот на ЕСМ, но и служи како резервоар за наводнување на тиквешкиот регион. Министерката Божиновска се надева дека овој пат проектот ќе биде успешен.

„Ние веќе во декември направивме работна група, формиравме во координација на Министерството. Таа работна група имаше неколку состаноци, неколку месеци. Сега ние ќе видиме бидејќи во ЕСМ датираат од 62 – ра програмите, бидејќи сите знаете дека 14 неуспешни тендери, сакаме да го направиме овој пат како што треба. Ги разгледуваме опциите дали тоа ќе биде Чебрен и Галиште, колку метра ќе биде браната, тоа е еден сериозен пристап и ќе видиме колку тоа ќе изнесува, колку тоа ќе чини…“, вели Божиновска.

Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште има стратешко значење за Македонија. Не само од аспект на обезбедување на поголема енергетска независност со нови над 500 мегавати инсталирана моќност, туку и за обезбедување на дополнителни две акумулации кои ќе бидат резервоари за наводнување, но и за вода за пиење.