Се разговара ли за предвремени парламентарни избори? Одговара Спасовски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека во јавноста сè почесто кружат шпекулации за можноста од одржување предвремени парламентарни избори, а дека темите кои моментално се отвораат на политичките средби индиректно укажуваат на такво сценарио.

Спасовски посочи дека, според ставот на СДСМ, постои реална можност актуелната власт да се подготвува за предвремени избори, кои би можеле да се одржат или во мај или во октомври.

„Фактот што на лидерските средби се разговара за Изборниот законик и за промени на Законот за влада, кои директно ги тангираат изборните правила, значи дека индиректно се разговара и за предвремени парламентарни избори“, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека можеби на самите средби не се отворила експлицитно темата за датум на избори, особено бидејќи СДСМ не бил присутен на сите разговори, но, како што рече, самата агенда покажува подготовка за нов изборен циклус.

„Сите теми што се однесуваат на изборните процеси претставуваат подготовка за парламентарни избори. Лично сметам дека парламентарното мнозинство веќе подготвува избори кои би се одржале во мај или, најдоцна, во октомври“, истакна Спасовски.

Според него, засега останува да се види дали ваквите шпекулации ќе се преточат во конкретна политичка одлука, но сигналите од политичките случувања, како што оцени, одат во таа насока.