Се реновираат 7 операциони соби во „8 Септември“ – Алиу: Во здравствениот сектор имаме бум на инвестиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите, ги разгледа градежните активности за реконструкција и адаптација на блокот за оперативна и интензивна нега во Општата градска болница „8 Септември“, Скопјe. Директорот на оваа здравствена установа, Синиша Стојаноски, изјави дека по 40 години ќе има нов хируршки сегмент.

-Градежните работи во сегментот хируршки сали и ургентна соба се целосно уредени и подготвени се за влез на стерилни панели и инсталирање на потребната опрема, а по 40 години ќе имаме целосно реновиран хируршки сегмент, со седум операциони сали и ургентна соба, изјави Синиша Стојаноски, директор на ГОП 8-ми Септември.

Оваа важна капитална инвестиција значително ќе го зголеми нивото на здравствена заштита, во најсовремени услови според европските и светските стандарди, најави министерот за здравство, Азир Алиу.

-Како што можете да видите, во здравствениот сектор имаме бум во инвестициите, во инфраструктурата, технологијата и човечките ресурси, бидејќи веруваме дека овие три столба со добра инфраструктура и добра технологија и добар персонал, ќе ги подобрат здравствените услуги за граѓаните, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Министерот за транспорт Александар Николовски рече дека лекарите и пациентите ќе имаат подобри услови и дека „8 ми Септември “ ќе стане најсовремената болница во Македонија.

-Ова е проект на кој работиме во рамките на концесијата што ТАВ ја доби за двата аеродроми, Скопскиот и Охридскиот. Дел од средствата ќе бидат искористени за општествено корисни проекти, а 12 милиони евра ќе бидат потрошени за целосна реконструкција на хируршкиот блок, патологијата, одделот за биопсија и целосно опремување со модерна опрема, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.

Инаку, проектот од 12 милиони евра вклучува реновирање на 750 м2 од 7 операциони сали и 500 м2 лаборатории со нова технологија. Се очекува реконструкцијата да биде завршена до крајот на оваа година, најави премиерот Мицкоски.