Се урна беспилотно летало во Загреб – дронот е од руско производство, а влегол од Украина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Силен звук синоќа околу 23 часот ги вознемири жителите на Загреб.

На почеток не знаеле од каде доаѓа, но откако жителите од областа Јарун излегле надвор, виделе дека во паркот е отворен голем кратер. Првин се посомневале дека паднал некој дел од авион.

Првичните истраги покажале дека станува збор за беспилотно летало од руско производство. Ова го потврди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Според она што го имаме како информација, станува збор за летало од руско производство. Не се знае дали бил во сопственост на руската или украинската армија. Се знае дека во Хрватска дошло од правец на Унгарија, а според премиерот Орбан во Унгарија од правец на Романија. Како дошло до ова, дали станува збор за некаква грешка или само ја изгубило контролата, сега за сега тоа не можеме да го потврдиме“, истакна Андреј Пленковиќ.

На местото на настанот се пронајдени и два падобрани. Полицијата досега не известила за повредени. Оштетени се неколку возила кои биле паркирани. Согласно досегашните информации на хрватските власти, дронот неколку минути летал на небото над Хрватска, по што се урнал во Загреб. Претседателот Зоран Милановиќ настанот го нарече „сериозен инцидент“. Вели дека треба да се истражи како е можно беспилотно летало тешко 6 тони да влезе на територија на НАТО, без никој да го забележи?

„Ова е сериозен инцидент и ние така се однесуваме кон него. Во тек е истрага, сакаме да ги утврдиме сите детали. Ќе се утврдуваат фактите. Како е можно несофистициран авион да помине повеќе од еден час над членка на НАТО, а никој да не го забележи? Во истрагата се вклучени воени служби. Како што стојат работите, леталото полетало од Украина, паднало над Загреб кога останало без гориво“, истакна Зоран Милановиќ.

Хрватската Влада вели дека преземаат мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународна соработка, особено со НАТО, со цел да се утврдат околностите во врска со падот на беспилотното летало.