Се урна дрво на улицата кај штипската гимназија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Штипскиот ветар урна дрво на коешто корените му се поткопани поради изградбата на новите конзоли на реката Отиња. Дрвото паднало на коловозот кај штипската гимназија „Славчо Стојменски“. Оштетени се две возила, од кое едно во движење, а второто непрописно паркирано и влезено во просторот, каде што изведувачот го има обележано како градежен простор.

Паднато дрво околу 16 часот направи сообраќаен метеж на една од најфреквентните улици во градот, која води до централните училишта, полиција, судската палата, но и до Клиничката болница. Улицата беше затворена за сообраќај околу 15 минути, а веднаш е реагирано од страна на пожарникарите.

Тони Георгиев командирот на одделение при ТППЕ-Штип за МИА вели дека тројца пожарникари, со едно противпожарно возило го отстраниле паднато дрво, а во интервенцијата учествувала и екипа на ЈП „Стипион“.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека добро е што нема повредени, а градежната фирма, која ги гради конзолите ќе ја покрие штетата на едното возило, кое било во движење. Конзолите почнаа да се градат пред неколку денови, а се очекува изградбата да заврши за два месеца. Нивната функција е да се обезбеди простор за паркирање, но и улицата, по која се одвива сообраќајот во еден правец да стане двонасочна.