Се уште нема виновник за пожарот во тетовската болница, од обвинителството велат дека одлуката се изготвува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Навршуваат речиси 10 месеци од трагедијата во модуларната болница во Тетово, а Обвинителството сѐ уште не го вперува прстот кон никого како виновен за случајот, иако пред неколку месеци беше кажано дека ќе бидат покренати пријави против 4 лица. И по сите овие месеци, Обвинителството вели дека се во процес на изготвување одлука.

-Станува збор за комплексен предмет, во кој е потребно внимателно и прецизно да се објаснат сите аспекти на утврдената кривична одговорност и да се наведат сите докази што одат во прилог. Штом биде изготвена одлуката, јавноста веднаш ќе биде известена, велат од Основното обвинителство – Скопје.

Властите постојано повторуваа дека причините за пожарот ќе се дознаат од германскиот извештај, кој во рацете на обвинителството пристигна уште пред 6 месеци. Но, и покрај тоа што правосудните органи ги поседуваат сите докази, сѐ уште нема никакво обвинение.

Го прашавме претседателот на Советот на обвинители, Антонио Јолевски – дали ќе биде поведена постапка против обвинителите кои го имаат предметот, а не постапуваат по него?

Единствена одговорност која беше понесена по трагичната несреќа беше морална со оставка на тогашниот министер за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, кои не беа прифатени од премиерот Зоран Заев. Оставки поднесоа и двајцата директори на тетовската болница. На 8 септември минатата година, во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица кои се грижеле за нивните блиски.