Сè уште се жалат на вода и канализација – што очекуваат жителите на Арачиново од новиот градоначалник?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во изминативе четири години со Арачиново раководеше Миликије Халими од СДСМ, а сега на чело на општината застана Ридван Ибрахими, кадар на ДУИ. Со промената на власта, жителите се надеваат работите да тргнат на подобро, бидејќи, и по сите овие години, главен проблем останува водата и канализација.

„Главен проблем е водата и канализацијата, тие се главни, Арачиново нема вода, и улиците не  се добри. Кога врне, не се оди по улиците“.

„Младите немаат клуб. Каде да се дружат и да си ги кажат проблемите, немаме градинка за децата што е најважно за младите, многу работи недостасуваат, но се надевам новиот градоначалник да направи нешто, бидејќи сите останавме чекајќи и надевајќи се, овој е подобар, оној е подобар. Се  надеваме на подобро. Никој од нас не бара премногу“.

„Нешто работеше, нешто што вети, не. Сега што очекувате од новиот градоначалник? Дојде нов, сега се надеваме на повеќе. Да видиме“.

ТВ21 поразговара со градоначалникот Ибрахими. Тој информираше дека општината вчера го усвоила буџетот, кој, како што рече е симболичен и не е доволен за некоја поголема капитална инвестиција. Надежите ги положува во помош од централната власт.

„За жал, буџетот, издвоените средства не се доволни за некој посериозен проект, можеби колку за одржување, но јас мислам дека почнавме во тој правец  да направиме неколку проекти и како што знаете постојат разни институции, во случајот МОН, и мислам преку нив ќе направиме некоја посериозна инвестиција“, истакна Ридван Ибрахими.

Буџетот на општина Арачиново за 2022 година изнесува 125 милиони денари. Ибрахими вели дека 90% од средствата ќе бидат наменети за образование, односно за училиштата кои имаат потреба од наставници. Ибрахими додава дека од претходната власт наследил долг од 70 милиони денари.