Македонската репрезентација утре ја очекува нов дуел со Швајцарија, а селекторот Гоце Седлоски најави дека тимот ќе се обиде да ги поправи грешките од првиот меѓусебен натпревар и да покаже подобро издание.
Седлоски истакна дека репрезентативците добро го познаваат противникот, со оглед дека пред десетина дена веќе одиграа натпревар против Швајцарија.
„Пред десет дена игравме со Швајцарија, знаеме каква репрезентација е и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч во Скопје. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме и головите што ги примивме, со колективна игра, еден за друг“, изјави Седлоски.
Селекторот призна дека Швајцарија е голем фаворит, но порача дека Македонија нема да влезе во натпреварот со цел само да го одигра.
„Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Еден добар натпревар за нас сакаме и да се израдуваме по поразите кои ги имавме“, рече Седлоски.
Македонија во досегашните натпревари нема победа ниту постигнат гол, а Седлоски најави дека против Швајцарија ќе има промени во составот. Според него, густиот распоред со четири натпревари во период од 12 дена бара свежина во тимот.
„Немаме победено натпревар, немаме гол дадено, на сите играчи им дадов шанса на овие три меча. Ќе има новитети кои не играле, затоа што во краток период, четири меча за 12 дена, се тешко да се издржи“, посочи селекторот.
Седлоски потврди дека здравствениот билтен е добар и дека нема повредени фудбалери. Во конкуренција за настап е и Езџан Алиоски, кој поради повреда на листот го пропушти последниот натпревар.
Селекторот најави дека конечниот состав ќе го одреди по последниот тренинг.
„Сите играчи кои се повикани, ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период, толку натпревари во кратко време. Последниот тренинг мина добро, сите се спремни и имаат желба. Излегуваме да се покажеме, а кој ќе игра, ќе одлучам утре“, изјави Седлоски.
Тој истовремено побара критиките во актуелниот период да бидат насочени кон него, а репрезентативците да ја имаат поддршката од јавноста.
„Знам дека критиките нека одат кон мене, а играчите да добијат поддршка. Потребна им е во овој момент“, порача Седлоски.
Селекторот додаде дека од секој фудбалер очекува подобро издание и дека младите репрезентативци мора постепено да напредуваат од натпревар во натпревар.
