Седум екипи на теренска вакцинација во Прилепско

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Седум мобилни екипи почнаа да го вакцинираат населението во селата во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Со ова успешно почна да се спроведува теренската вакцинација во овој регион.

Како што истакна Кети Смилеска, директор на Прилепската болница со општа надлежност, од седумте екипи, три се за прилепските населени места, а по две во Кривогаштанско и Долненско.

-Имаме екипа во Тополчани и за соседните населени места, во Кривогаштани, па Ропотово, Долненско и се посетуваат селата. Во трите општини, екипите треба да отидат во над 110 населени места. Ќе се работи цела недела и во сабота, вели Смилеска.

Процесот на вакцинација непречено се одвива на регионалниот пункт во Прилеп. Од денеска и без закажан термин, кој што е заинтересиран може да се вакцинира. Инаку, досега во Прилеп се вакцинирани 19 683 граѓани.

– Денеска може да се вакцинираат и тие без термини, само треба да понесат документ за идентификација. Има интерес. Од досега дадените 19 683 дози, со прва се вакцинирани 13 974 граѓани, а со втора доза 5 709, додаде Смилеска.