66 граѓани биле каснати од кучиња скитници во Тетово во текот на 2021, покажуваат податоците од МВР. Ова значи дека секој петти ден се случувал по еден напад. Тоа се само случаите кои се пријавени во полиција, без да ги сметаме тие кои не се евидентирани. И покрај ова, во Тетово повеќе од 4 месеци не се третираат кучињата скитници. Еден месец пред почетокот на изборната кампања, на општината и завршил буџетот предвиден за кастрирање и вакцинирање на кучињата скитници. За 2022 велат дека се предвидени 1.5 милион денари.
„Општина Тетово за 2022, според Програмата за градежно земјиште предвидела 1.500.000,00 денари. Третманот ќе започне веднаш по завршување на постапките за јавни набавки според планот за 2022“, велат од општината.
Ветеринарот Рами Селмани кој има единствена ветеринарна амбуланта во регионот за кастрирање и операции, вели дека издвоените средства не се доволни за решавање на проблемот со кучињата скитници.
„1.5 милиони се толку малку што немам коментар. Оваа сума е доволна за еден и пол месец или два, и завршува, и ќе продолжи се како што беше, фаќањето и пуштањето, операција, вакцинирање и чување на кучињата во стационар“, посочи Рами Селмани.
За долгорочно решавање на проблемот со кучињата скитници сумата треба да се зголеми четирикратно, вели Селмани.
„Оваа сума е многу мала за градот Тетово, бидејќи се разговара во иднина да не биде исто, фаќањето на кучињата и нивното вакцинирање да се прави во стационар и да не се пуштаат кучињата на истата локација каде што биле заловени, туку да се чуваат постојано тука. Нормално достигнува три или четири пати повеќе“, додава Рами Селмани.
Општина Тетово во т екот на 2021 издвоила 3 милиони денари за т ретирање на кучињата скитници но дури ни тие средства не биле доволни.
На 19 септември минатата година во Тетово глутница кучиња нападнаа 5 годишно дете и му нанесоа тешки повреди, а општина Тетово во 2021 изгуби околу 6 судски процеси за нетретирање кучиња скитници, но ниедна од оштетените страни до сега не успеала да добие оштета во врска со ова прашање.