Секој може да не блокира на патот кон ЕУ оти Вардар е загаден, но не и за непочитување на малцинствата во Македонија, рече премиерот Ковачевски во Берлин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На секое поглавје, секоја држава може да даде забелешки во однос на реформите и напредокот, рече премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека секој може да не блокира во преговорите оти Вардар е најзагадена река во Европа, но не и Бугарија бидејќи преговарачката рамка е децидна, а Македонија лидер во спроведување и почитување на малцинствата.

„Дека реката Вардар е најзагадената река во Европа. Животната средина и заштитата на животната средина, е еден исто така од критериумите во пристапувањето во ЕУ. Вие сега сте во Берлин прошетајте покрај реката Шпрее ќе видите колку е реката чиста и видете го наш Вардар колку е загаден“, вели Димитар Ковачевски.

Поддршка од Германија за уставните измени со цел процесот кон ЕУ да не застане. Ова е пораката која ја испратил германскиот канцелар Олаф Шолц кон премиерот Димитар Ковачевски. Тој во изјава за медиумите во Берлин рече дека процесот не смее се користи за политички поени, а е уверен дека Бугарија нема да наметне нови блокади на процесот.  Во однос на уставните измени, на прашање од ТВ21 премиерот рече дека тоа е процес кон не треба да се брза, а за опозицијата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ги промениле ставовите откако беа во Брисел.

„Вие се сеќавате кога се разговараше предлогот, тогаш е свиреше со вувузели, се тропаше по маси, се потпишуваа нотарски изјави се носеа маици не, се палеше договорот на парламентарна говорница, за да на крај на 7-ми јуни оваа година се тоа биде фрлено во вода и ВМРО-ДПМЕН да каже, да тие се прифатливи, сакаа да влезат во Владата, на која што и го оспоруваа легитимитетот, дека се подготвени во парламентот да гласаат уставни измени, на кои го оспоруваа легитимитетот, бараа единствено, стапувањето на сила на уставните измени со одложено дејство и тоа беше прифатено, меѓутоа тоа може да се прифати во рамки на преговарачката рамка која што е многу децидна. А тоа е уставните измени да важат на денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција што секако е прифатливо и за ЕУ 27“, порача Ковачевски.

Премиерот додава дека на државата и требаат политичари кои нудат решенија, а не политичари кои наоѓаат мана на се што ќе слушнат алудирајќи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Во фокусот на посетата на премиерот е одбележувањето на 30 години од билатералните односи и соработка меѓу Македонија и Германија, како и германската поддршка на македонското интегрирање, особено реформите кои треба да ги направиме, со цел исполнување на европските стандарди. Посетата на Германија на македонскиот премиер доаѓа на две недели откако германскиот Бундестаг ја донесе резолуцијата за признавање на македонскиот јазик, култура, идентитет. Јовица Пауноски, ТВ21, Берлин, Германија.