Сексуалното образование не се воведува во второ одделение, тоа беше лажна вест, туку ќе биде изборен предмет во деветто одделение, најави министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното интервју за Канал 5.
Предметот општествени науки, од прво до трето одделение преоѓа во наслов Човек и општество, а од четврто до деветто Историја и општество.
Ова синоќа го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за Канал 5, откако претходно денеска во собраниската Комисија за образование, наука и спорт на јавна расправа беше ставена Нацрт-концепцијата за основно образование.
Истакна дека јавноста треба да се чувствува безбедно и оти ова зборува дека ги слушнале граѓаните и оти не сакаат нивниот страв да продолжи -Никако оваа реформа, освен преку лажната вест, не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање, порача Царовска.
Концепцијата, како што посочи министерката е работена во период од три месеци, а се базира на знаења, искуства и истражувања. По јавната расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Царовска, како што претходно посочи во интервју за МИА очекува дефинирање на концепцијата и најави секој конструктивен предлог, кој ќе произлезе од расправата, ќе може да се вметне во концепцијата, со која се спроведува реформа на основното образование, која е обврска, во согласност со Законот за основното образование од 2019 година.
Своите ставови за Нацрт-концепцијата вчера ги изнесоа учесниците на целодневната јавната расправа, некои со поддршка, некои резервирани со барање за одложување, некои за целосно повлекување.
