Села бара оставка од Заев, Димитров и Османи – „Одговорните имаат име и презиме“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ и ДУИ потфрлија во исполнувањето на ветувањето дадено за време на парламентарните избори – дека земјата ќе стане членка на ЕУ и затоа треба да поднесат оставка, изјави претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Тој побара и оставка од премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

„Одговорните за ова што се случи синоќа имаат име и презиме, а тоа се премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Сите тројца треба да поднесат оставка“, истакна Зијадин Села.

Лидерот на Алијанса нагласи дека треба да се формира широка Влада, а заедно со локалните да се одржат и парламентарни избори.

„Земјата мора да формира широка Влада и до локалните избори да се изнајде заеднички јазик со Бугарија. Дотогаш, оваа Влада мора да го деблокира овој јазол. Заедно со локалните, треба да се оди и на предвремени парламентарни избори, поради овој неуспех“, додава Зијадин Села.

Како што вели Села, Владата Заев-Ахмети и по шести пат не успеала да почне преговори со ЕУ, поради неисполнувањето на најважните критериуми како што се добрососедството, регионалната соработка и правната држава. Додава дека земјата соочува со вето од страна на Бугарија поради измамничката политика на премиерот Заев.