Селами убеден дека пописот нема да пропадне – Лорик Цана ја повика дијаспората да се самопопише

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тече процесот на самопопишување на дијаспората. Последниве денови, просечниот број на попишани иселени државјани на дневна основа е околу 10 илјади. Дијаспората ќе се попишува до 21 април, додека пребројувањето на терен во нашата држава почнува на 1 април. Но, колкави се изгледите да пропадне и овој попис, како што се случи со претходниот? Заменик-директорот на Државниот завод за статистика во синоќешното издание на „Клик Плус“ изрази убедување дека процесот ќе заврши успешно.

„Процесот не се прекинува. Ова што го прави дијаспората ќе продолжи сѐ до 21 април. Заврши периодот на дискусии во однос на тоа дали ќе биде прекинат, веќе нема време“, истакна Елми Селами.

-Има повици за бојкот!

„Има повици за бојкот, но тоа се политички повици на една партија, агендите се политички агенди. Спроведувањето на законот, организирањето и спроведувањето на процесот на попис е веќе друго прашање. Имаме закон кој е на сила и согласно тој закон предвидени се и рокови кои течат“, додаде Елми Селами.

Селами додава дека попишувањето полесно се прави од компјутер, отколку од мобилен телефон.

„Им реков – подобро земете лаптоп или таблет, што и да имате, или преку на компјутер, бидејќи поинаку функционира преку компјутер. Преку овие уреди е подобра прегледноста и попишувањето се прави многу полесно на десктоп, отколку со телефон“, порача Елми Селами.

Во емисијата се вклучи и поранешниот капитен на албанската репрезентација Лорик Цана, кој ја повика дијаспората да се самопопише.

„Секој како поединец кој има можност нека се попише. Ако секој од нас помисли дека може да направи разлика, како што секој играч од една екипа мисли дека ќе го направи тоа ако тој е дел од таа работа, тогаш на крајот нашиот тим ќе ја постигне целта“, порача Лорик Цана.

Инаку, многу граѓани од дијаспората доброволно понудија помош за онлајн самопопишување.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последните 24 часа се попишале 8.429 наши државјани, а вкупниот број на самопопишани изнесува над 130 илјади.