Семејствата најавуваат протест – адвокатите ќе ја обжалат пресудата за „Монструм“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Роднините и одбраната во случајот Монструм се разочарани од пресудата на Кривичен суд за обвинетите за петкратното убиство. Адвокатите известија дека ќе ја обжалат одлуката и дека ќе се повикуваат на пресудата на Врховен суд, со која се ослободени обвинетите.

„Мислам дека и сега беше утврдено дека овој суд се уште е неспособен и се уште не владее правото кај нас во Македонија. Како што имам кажано кога беше првата пресуда дека не владее правдата, сека уште помалку можам да кажам дека имаме владеење на правдата“, истакна Насер Рауфи.

Бедри Ајдари, роднина на обвинетите, рече дека со повторното судење требаше да се открие нарачателот, организаторот, мотивот и вистинските сторители, но тоа не се случи, затоа овој суд нема кредибилност. Роднините велат дека ќе организираат протест во потрага по правда.

„Најавувам протест и го повикувам државниот врв, кои учествуваше на протестите на шарената револуција, на кои им помогнавме да го урнат системот, а не за да ја смениме гарнитурата за да дојде нова, туку за да ги реформираме институциите, нешто што не е направено и како резултат на тоа денеска беше изречено таква пресуда, во овој суд кој е криминализиран и под влијание на лица од разните политички партии или институции“, вели Бедри Ајдари.

Врховен суд во 2017 година ја укина пресудата за Монструм и случајот беше вратен на повторно судење поради новите околности и бомбите кои СДСМ ги достави во СЈО, од кои се очекуваше да се расчисти случајот, но тоа не се случи. Повторното судење почна во 2018 година. Кривичен суд во 2014 година осуди 6 лица со доживотен затвор, и Сами Лута за кого сега е повлечено обвинението и е ослободен.