Со зголемувањето на минималната плата, многу семејства во социјален ризик го губат правото за социјални додатоци. Според директорот на Центар за социјални работи во Скопје, Лиридон Бафтиу, со овие политики не се зголемуваат приходите кои ги земаа едно семејство, туку само се менува концептот.
„Идејата на Министерството е едно семејство кое имало приходи од 14 000 денари, сега има 18 000 или 20 000 и автоматски тој дел на зголемувањето на минимална плата ги покрива детските додатоци. Значи ги имаат истите приходи само концептот е различен“, вели Лиридон Бафтиу.
ТВ21 достави прашање до надлежното министерство дали планираат да се зголеми прагот на социјални додатоци, но како одговор добивме цитат од актуелниот закон, и додаваат дека:
„Остварувањето на паричните права од заштитата на децата уредени во Законот за заштита на децата не е во корелациона врска со Законот за минималната плата. Всушност и целата на законското решение за зголемување на минималната плата на 18.000,00 денари е вреднување на трудот и мотивирање на вработените, а целта на социјалната политика е поддршка и заштита на социјално загрозените домаќинства/семејства кои имаат ниски приходи и се материјално необезбедени“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Затоа Бафтиу вели дека се подготвуваат амандмани со што ќе се усогласи Правилникот за социјалните додатоци со минималната плата.
„Значи прагот да не биде 14 500 или 15 000 колку што беше минималната плата и колку е сега според правилникот, туку да биде 18 000 или зависно од зголемувањето на минималната плата. Доколку минималната плата стане 20 000 тогаш да се усогласи Правилникот за социјални додатоци со минималната плата“, додаде Лиридон Бафтиу.
Само минатата година околу 500 деца поради оваа причина останале без детски додаток, а според неофицијалните податоци, годинава оваа бројка ќе се зголеми двојно.