Серија земјотреси во Македонија – најсилниот од 4,6 степени го погоди мавровскиот регион

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Серија земјотреси синоќа ја стресоа Македонија. Некаде пред полноќ  земјотрес со јачина од 4,6 степени по Рихтер го погоди мавровскиот регион. Од Сеизмолошката опсерваторија информираат дека станува збор за земјотрес чиј епицентар бил кај Маврово, на длабочина од околу 10 километра, а истиот беше почувствуван и во Скопје.

„Синоќа почнувајќи од 20 часот и 40 минути, регистрира серија на земјотреси чиј од епицентри се наоѓаат 65 километри  југозападно од Скопје во околината на Маврово и потекнуваат од епицентралното подрачје Тетово – Гостивар. Првиот почувствуван земјотрес се случи во 20.40 минути и беше со локална Рихтерова магнитуда ML 3.0. а беше почувствуван во Маврово и Гостивар со интензитет од 3 степени според Европската макросеизмичка скала. Вториот почувствуван земјотрес кој што всушност беше најсилен беше во 22 часот и 17 минути и беше со Рихтерова локална магнитуда ML4.6 а беше почувствуван во Маврово, Дебар, Тетово, Гостивар и Кичево со интензитет од 5 до 6 степени според Европската макросеизмичка скала“, истакна Драгана Черних.

Тв21 стапи во контакт и со градоначалникот на општина Маврово–Ростуше, кој вели дека и покрај силните потреси не се забележани некои поголеми материјални штети.

„До сега кај нас не е јавено за некоја поголема штета, знам само за една куќа на која оџакот и падна, а други пријави за штети досега нема. Луѓето се вознемирени, дури и за време на полицискиот час некои кои беа ги напуштија вилите и си заминаа за Скопје. Водата не е добра за пиење сега во Мавровскиот регион поради потресот е потребно да се прочисти. За неколку дена ќе се прочисти веројатно“, посочи Медат Куртовски.

Заматувањето на водата, поради која таа не се препорачува за пиење, е чест проблем во овој регион, посебно во перидот кога има посилни врнежи. Истото се случи и при ланските земјотреси чијшто епицентар беше во Леуново. Градоначалникот Куртовски вели дека се формирани две комисии кои се веќе на терен  со цел да ја проценат штетата на населението како би можела општината да им помогне.