Северна Кореја денеска истрела неколку неидентификувани балистички ракети кон Жолтото Море, соопшти јужнокорејската војска, додека САД и Јужна Кореја ги започнуваат годишните заеднички воени вежби.
Началникот на здружениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека околу 13:50 часот по локално време забележал лансирање од западниот брег на Северна Кореја, но не даде дополнителни детали, пренесе Ројтерс.
Генералштабот додаде дека го зголемил надзорот и е во целосна готовност, во тесна соработка со САД, објави Јонхап.
Во меѓувреме, денеска почнаа годишните заеднички воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја, наречени „Штитот на слободата“, кои треба да траат до 20 март.
Јужнокорејската војска соопшти дека вежбите биле насочени кон зајакнување на подготвеноста на алијансата за закани како што е Северна Кореја.
Северна Кореја традиционално повика на откажување на овие заеднички вежби меѓу Јужна Кореја и САД, означувајќи ги како увертира за инвазија.
