„Северна Македонија донесе храбри одлуки, ЕУ треба да испорача“ – Лајен: Се разговара со Скопје и Софија за решавање на спорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изодевте долг пат кон ЕУ, не остана уште многу, дојдете да направиме уште еден чекор напред, повика претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при нејзината посета на Скопје. Ние ве сакаме во ЕУ, ве сакаме покрај нас, додаде таа, порачувајќи дека Северна Македонија може да смета на Унијата.

-Вистина е дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Европската комисија, и јас самата, стоиме на тоа и можете да сметате на нас. Вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбри одлуки и сакам да ви честитам на тоа. Сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача. ЕУ и Северна Македонија се подготвени да ги здружат силите.-вели Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен рече дека Европската комисија работи и со Северна Македонија и со Бугарија, со цел да се надмине и последната пречка за одржување на првата меѓувладина конференција.

-Ве повикувам да не губите време. Дојдовме до тука, изодевте толкав пат и направивте толкав напредок и навистина ви честитам на тоа. Дојдете да направиме уште еден чекор напред. Ја имате поддршката на пријателите во ЕУ и Европската комисија, дојдете да работиме силно за одржување на оваа заедничка седница-рече Фон дер Лајен.

Според претседателката на ЕК нејзината цел и фокус е Албанија и Северна Македонија да ги отпочнат преговорите со ЕУ. И премиерот Зоран Заев рече дека е неопходно забрзување на процесот, бидејќи има ретроградни сили кои се против проширувањето на ЕУ.

Фон дер Лајен претпладнево престојуваше во Тирана, а до 30-ти ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан. Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот.