Северна Македонија прифатена во НАТО сајбер центарот за одбрана и во процесот на полноправно членство

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во рамки на официјалната посета на Естонија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи го посети НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана (NATO Cooperative Cyber Defence Centre of Excellence – NATO CCDCOE) со седиште во Талин, Естонија.

На средбата со директорот на Центарот, Март Норма Османи потенцираше дека сајбер безбедноста е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија, која презема низа активности за јакнење на национални капацитети за справување со овој тип предизвици, базирани на националните Стратегии за сајбер безбедност и хибридни закани.

Османи информираше дека Владата континуирано соработува со сите засегнати страни – приватната индустрија, истражувачката и академската заедница и граѓанското општество на подобрување на превенцијата, одговорот и закрепнувањето од нападите на критичната инфраструктура, кои со почетокот на војната во Украина станаа позачестени и поинтензивни.

На денешната средба, Северна Македонија како членка на НАТО и дел од регионот на Западен Балкан кој е изложен на сајбер закани беше прифатена во НАТО центарот за извонредност за сајбер одбрана и е во процес на полноправно членство. Во рамките на процесот, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура

НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана е основан во 2008 година, и има статус на Меѓународна воена организација. Неговата мисија е поддршка на земјите-членки и НАТО со единствена интердисциплинарна експертиза во областа на истражувањата, обуки и вежби за сајбер-одбрана.