Засега не се планираат промени на досегашниот начин на одвивање на образовниот процес, рече Арафат Шабани заменик министерот за образование и наука по посетата на неколку училишта во Гостивар. Тој лично очекува епидемоилошката состојба да се подобри, но доколку здравствените власти оценат дека училиштата треба да се затворот, ќе се премине на онлајн настава.
Шабани со соработниците при посетата на гостиварската општина оствари низа средби со наставници и членови на училишните одбори. На нив се разговарало за актуелностите и новонастанатите состојби при одвивањето наставата.
Заменик министерот посочи дека посетата имала за цел да се добијат изворни информации за одвивањето на комбинираната настава во училиштата и притоа нагласи дека одговорното однесување ги намалува активните случаи, и наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита.
– Освен запознавањето со одвивањето на комбинирана настава со физичко присуство и онлајн, ќе имам и средби на кои освен за наставниот процес, ќе разговараме и за други аспекти во сферата на образованието. Тие ќе бидат во насока на подобрување на условите и каде министерството може да помогне во унапредување и подигнување на квалитетот на образованието. Процесот на организирано учење продолжува, а најголема заслуга за успешниот старт на учебната година имаат наставниците кои со сиот свој капацитет се заложија за непречено одвивање на воспитно – образовниот процес, рече Шабани.
