Два дена по атентатот врз него, докторот Зеќирја Шаини е пуштен од болница. Кај Пулмологот, санирани се четирите прострелни рани и е испратен на домашно лекување. За ТВ21 изјави дека не му должи никому ништо, но не се чувствува безбедно додека не се фати напаѓачот. Тој апелира до истражните органи целосно да го расчистат случајот, кој, како што рече, ја вознемирил и неговата фамилија.
„Во моментот, со здравјето, благодарам на Бога, се чувствувам добро и му благодарам на медицинскиот персонал за нивната максимална грижа, и до овој момент сум добро“, вели докторот Зеќирја Шаини.
ТВ21: Дали сè уште се чувствувате загрозено?
Шаини: Се чувствувам загрозен сè додека не се пронајде лицето кое го направи делото, бидејќи немаме ништо конкретно што тоа лице би можело да има против мене.
ТВ21: Според иницијалите, можеби знаете за кого станува збор – дали го познавате тоа лице или можеби е ангажиран од некој друг?
Шаини: Не сакам да зборувам за тоа, случајот го оставив на истражните органи и не сакам да се занимавам со тоа, бидејќи може да има илјадници шпекулации, но имам доверба во полицијата… Не бегам од одговорност, тоа што се случи – се случи, но не планирам да престанам да работам. Немам долг кон никого, но не сакам да навлегувам во таа многу чувствителна тема, која многу ја вознемири мојата фамилија.
Полицијата вчера ја приведе сопругата на докторот Зеќирја Шаини, која, според МВР, се сомничи дека е поврзана со пукањето на нејзиниот сопруг пред два дена во Куманово. Исто така, во врска со настанот, шест лица се повикани на информативен разговор во Полициската станица Куманово.
„СВР Куманово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово против лишената од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обид за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од селото Слупчане, Липково. Осомничената, во редовна постапка, е пуштена на слобода до понатамошно постапување на истражните органи“, соопштија од МВР.
Во врска со случајот, на разговор се повикани 6 лица, а во куќата на Б.С. (50) од Куманово, со судска наредба, е извршен претрес. Во бегство е атентаторот Л.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и против кого ќе биде поднесена кривична пријава.
Докторот пулмолог Зеќирја Шаини е и носител на советничката листа на НАИ за Општина Липково, но четирите куршуми што ги доби во телото, како што се наведува, не биле испукани од политички мотиви.